Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ се имплементира преку канцеларијата во Министерството за образование и наука на Република Македонија, согласно потпишаниот Меморандум за соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка.

Програмата ја спроведува Здружението на граѓани ОХО како организација со долгогодишно искуство во областа на заштитата на животната средина и еколошката едукација.

Главна придобивка од Програмата е можноста за создавање мрежа на еко-училишта и еко-градинки кои ја усвоиле заштитата на животната средина како една од основните вредности во својот развој и управување. Со членство во мрежата, еко- училиштата и еко- градинките добиваат можност за учество во национални и интернационални натпревари, можност за аплицирање со проекти, можност за добивање финансиска поддршка од ОХО, поврзување со училишта и градинки од регионот и пошироко и многу други поволности.

За таа цел, Здружението на граѓани ОХО како имплементатор на Програмата, распишува конкурс за наградување на училишта и градинки за бронзено ниво, сребрено ниво и ниво на зелено знаме.

На објавениот Конкурс за наградување на градинки, основни и средни училишта вклучени во имплементација на Програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ право на пријавување имаа 51 детска градинка, 359 основни училишта и 100 средни училишта.

Нашето училиште се сеткна со бронзен статус на Еко-училиште. Со тоа училиштето стана дел од националната мрежа, а истовремено и член во интернационалната мрежа на еко училишта и градинки.

 

 

 

 

 

 

 

ШТО Е ЕКО-УЧИЛИШТЕ?

Еко-училиште е училиште кое ја усвоило заштитата на животната средина како една од основните вредности за управување и раководење.

Училиштето покрај тоа што ги воспитува и едуцира учениците и децата на темата заштита на животната средина, ги едуцира и сите вработени во институцијата и пошироката заедница. Еко-училиштата теоретското знаење го применуваат во пракса и при управувањето и раководењето ја земаат предвид состојбата и иднината на животната средина.

Седумте чекори еко-менаџмент, четирите еко-стандарди или стандардите за одржлив развој кои доведуваат до конкретни и мерливи резултати за училиштата и за пошироката заедница, како и деветте теми од областа на заштитата на животната средина се водечки принципи.