Одделението за превенција при СВР Скопје, во текот на месец Октомври 2018 година, започна со имплементација на активности поврзани со проектот „Безбедност во училиштата“ за учебната 2018/19 година. За таа цел формирани се Клубови за превенција во 15 основни училишта на подрачјето на град Скопје. Нашето училиште е дел од овој проект. 

Основна цел на проектот е подобрување на севкупната и личната безбедност на учениците, како и намалување на сите облици и типови на насилство помеѓу учениците, препознавање на ризиците со обработување на теми како што се зависности, насилство на спортски натпревари и други облици на непримерно и девијантно однесување поврзани со младата популација. 

Истовремено, училиштето е дел и од едукативните проекти од областа на сообраќајот, во кои се вклучени ученици од седмо и осмо одделение од ООУ „Димитар Македонски“. Специјално формираните училишни сообраќајни единици составени од ученици од овие две основни училишта ќе имаат посебна улога во однос на регулирањето на сообраќајот, под надзор на полициските службеници. 

Акцијата ја спроведува Одделението за превенција при СВР – Скопје во соработка со Општина Аеродром и компанијата „Пнеуматик“. 

На 9.11.2018 се реализираше првата сообраќајно-воспитната акција „Поддржуваме безбедна иднина“ пред трговскиот центар „Капитол мол“ во Општина Аеродром.