Од 4-8.04.2022 година тимот од нашето училиште, составен од Директорката, 2 одделенски наставници, 2 наставници по англиски јазик и 8 ученици од петто одделение, учествуваа во активности при мобилност во Златар Бистрица, Хрватска во рамките на Проектот “Училишна градина за пермакултура” (“School Permaculture Garden”) под програмата Еразмус+, Клучна акција 2: Партнерства за училишни размени.
За време на престојот учениците и наставниците проследија обуки за: Органско производство, Здрав живот и Веломобилност. Учениците учествуваа во работилница во училишната градина, каде имаа можност да учествуваат во садење на градинарски култури. Проектниот тим одржа состанок за утврдување на датуми за следните мобилности. Беше реализирана и екскурзија во областа Зелењак. Особен интерес кај учениците предизвика посета на Музејот на неандерталци во Крапина. Во попладневните часови, после враќењето во училиште тимовите од секое училиште се претставија со здрави и традиционални закуски. Нашиот тим понуди домашни пити и колачи (благодарност до баба Петра), ајвар, лутеница, малиџано, и чоко-локум. Беа обезбедени и подароци за ученици и наставници од училиштето- домаќин (голема благодарност на родителката Александра и Алкалоид за обезбедената донација на дел од подароците). Третиот ден беше реализирана посета на ботаничка градина и етнографски музеј во Загреб, по што следеше и прошетка низ главниот плоштад и центарот на Загреб.